Наталитет

Неплодноста во пораст, опаѓа бројот на новороденчиња

15.09.2024 11:06

Истражувањата на еминентни европски гинеколози покажуваат дека од 2021-ва година, критичната стапка од 2,1 новородено дете по жена е присутна и во некои напредни европски земји. Нашата земја од поодамна е под тој праг. Гинеколозите велат неплодноста е во пораст.

Неплодноста е најсилниот сојузник на белата чума. Соочени сме со една застрашувачка општествена промена – падот на стапката на плодност, велат гинеколозите.

Објавените резултати од еминентни истражувачи покажуваат дека последниве три години критичната граница од 2,1 новородено дете по жена е присутна и во некои напредни европски земји. Кај нас тој праг од поодамна е пробиен.

Статистиката само потврдува дека од година во година ни опаѓа бројот на новороденчиња. За гинеколозите тоа се должи на повеќе причини. Една од главните, велат е свесното одлагање на родителството.

„Денеска жените се повеќе го одлагаат мајчинството трчајќи по кариерата. Има еден податок дека во последниве години бројот на првородилки кој се породиле после 30-сетата година е поголем од оној на оние кој се породиле пред тоа“ вели гинекологот др. Таше Трпчевски.

Трпчевски дециден, намалениот наталитет создава не само демографски, туку и економски реперкусии, а одлагањето на мајчинството е чекор поблизу до намалување на плодноста. Напредната медицина и хуманите репродукции, вели, се повеќе помагаат доколку тоа се изведе навремено со веќе направени испитувања.

„Како индивидуи да ја тестираат плодноста, мажите да направат задолжително спермограм, иако во тој момент сè уште не се заинтересирани за потомство, а жените да ги направат основните испитувања со којшто ќе се утврди состојбата на нивните јајници и хормонална слика“, порача гинекологот д-р Таше Трпчевски.

Во ублажувањето на ваквите состојби, смета дека државата треба да го зголеми бројот на бесплатните ин витро оплодувања и стимулативни мерки уште за второродено дете, како и други бенефити за млади брачни парови.

Истражувачките предвидувања се дека до крајот на веков во многу земји бројот на новородени деца, по жена, ќе биде со стапка под еден и пол.

 

Стевче Митревски