Политичките и бизнис лидери од регионот на средби во Цавтат и Дубровник
Станува збор за продолжување на стратешкиот дијалог, кој во тој формат почна пред една година, кога Хрватска стана членка на Европската унија, а продолжи со состанокот со францускиот претседател Франсоа Оланд на 25 јули 2013 година во Брдо кај Крањ...

Политичките и бизнис лидери од Југоисточна Европа, денеска во Цавтат, Хрватска, го почнуваат бизнис собирот „Самит 100 - договор за новото време“. На форумот ќе присуствуваат и претседателите на земјите од Југоисточна Европа, кои утре во Дубровник ќе учествуваат на состанокот „Брдо-Бриони“.
Станува збор за продолжување на стратешкиот дијалог, кој во тој формат почна пред една година, кога Хрватска стана членка на Европската унија, а продолжи со состанокот со францускиот претседател Франсоа Оланд на 25 јули 2013 година во Брдо кај Крањ.
На овогодинешниот собир покрај претседателите на Хрватска, Македонија, Албанија, Косово, Словенија, Србија, Црна Гора и сите тројца членови на Претседателството на БиХ, како гостин ќе учествува и германската канцеларка Ангела Меркел.
На собирот ќе присуствуваат и францускиот државен секретар за европски прашања Арлем Дезир, како претставник на Оланд, како и европскиот комесар за енергетика Гинтер Етингер.
Тема на овогодинешниот состанок е политичката ситуација и односите во регионот, продолжување на политиката на проширување на ЕУ, како и клучните инфраструктурни проекти во ЈИЕ.
