НЕВРЕМЕ

Разорни поплави ширум Европа предизвикани од бурата „Борис“

15.09.2024 12:10

Поплавите ја пустошат централна и источна Европа – некаде борби со надојдената вода, некаде снег. Жртви во Полска, исчезнати во Чешка. Романија подигна кампови за раселените.

Жителите на централните и источните делови од стариот континент на удар од климатските промени. По жегата од топлотните бранови, сега се принудени да ги збијат редовите и да почнат борба со големите поплави предизвикани од бесот на бурата „Борис“ која со себе донесе силни ветришта и изобилни дождови.

Алармантна е состојбата во Романија каде што има и жртви. Десетици лица се евакуирани, над 200 пожарникари се вклучени во спасувачката акција за извлекување на лица заробени во своите домови.

Критично е и во Чешка, каде што е прогласена вонредна состојба во 38 области. Голем број домови се поплавени, а илјадници домаќинства останаа без електрична енергија. Во Прага се поставени бариери, жителите се евакуираат поради опасност од прелевање на реката Влтава.

„Додека разговарав со соседите, за десет минути нивото на водата се искачи за 20-тина сантиметри. Загрижен сум, не знам што ќе се случува доколу продолжи да врне. Ќе се формираат езера во полињата, а потоа каде ќе ода таа вода. Многу е лошо, ќе видиме што ќе се случи“, вели жител на Брантице, Чешка.

„Мора да има доволно вреќи со песок, малку дрва, малку даски и да се проверува колку вода ќе навлезе“, вели жител на Луза, Чешка.

Циклонот „Борис“ од четврток носи силен ветер и изобилни врнежи од дожд и во Полска, Австрија, Унгарија, Словачка, Хрватска. По драматичното покачување на нивото на водостојот на реките, во тек е евакуација на населението во Полска.

И Австрија се подготвува за можно прелевање на реките. Поројните дождови предизвикаа големи поплави и во Хрватска и во Германија. Во унгарската метропола е издаден трет степен на опасност. По наглиот пад на температурите, на повисоките места и планините се забележани првите снежни врнежи. Во западните делови на Австрија и во делови од Германија снегот предизвика хаос во сообраќајот. Снежни наноси има во Словенија и во Босна и Херцеговина.

 

Маја Стојанова