Скопје бара објаснување од Софија за отстапувањето од протоколот
МНР ќе го повика бугарскиот амбасадор. Ќе се бара објаснување за отстапувањето од протоколот при претседателската посетата. Експерти лоцираат пропусти, СДСМ праша – зошто спорните фотографии се објавени и од нашата страна?

Министерството за надворешни работи ќе го повика на разговор бугарскиот амбасадор во земјава за излегувањето од рамки на протоколот при средбата на претседателката Сиљановска-Давкова со колегата Радев, кога се дозволи фотографирање во просторија каде што го немаше нашето државно знаме. Не се исклучува ниту врачување протестна нота.
Целиот случај предизвика лавина реакции во земјава. Експертите за протокол посочуваат дека без разлика на тоа, за каков вид посета станува збор, знамето секогаш се истакнува. Ако не била договорена сесија за фотографирање, тогаш нашиот протокол веднаш требало да реагира.
СДСМ со жестоки критики. Партијата обвини дека се поткопуваат меѓународните позиции на државата.
Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, уверуваат дека ги бранат државните интереси.
„Не се потребни лекции од партија која кога беше на власт ја воведе државата во безброј дипломатски кризи и меѓународни понижувања. За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ стои цврсто зад националните интереси на Македонија и продолжува да ја води државата кон патот на достоинството и гордоста“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Убава средба со дијалог, кој, ако се трага по решение ќе се стигне до него. рече претседателката Гордана Силјановска – Давкова по средбата во Софија со нејзиниот бугарски колега Румен Радев. Сепак, сенка на дијалогот и како што вели македонската претседателка, срдечната средба, фрли празниот јарбол пред претседателската палата во Софија и немањето македонско знаме на сликата објавена од кабинетот на Радев.
Кабинетот на Силјановска – Давкова преку соопштение посочи дека е излезено од рамките на договорениот протокол, да нема фотографии од средбата. Иако, ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и ќе побараме објаснување од бугарска страна.
Миле Ристески
