Македонија

Влажни коловози и одрони на патиштата во дебарскиот регион

15.09.2024 20:19

Дождот, кој со различен интензитет врне деновиве, предизвикува помали одрони на патиштата во дебарскиот регион, поради што се препорачува внимателно возење...

Дождот, кој со различен интензитет врне деновиве, предизвикува помали одрони на патиштата во дебарскиот регион, поради што се препорачува внимателно возење.

Засега има помали, но чести одрони од камен и земја. Поради тоа, но и поради влажните коловози, се препорачува внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација, порачуваат од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.

Екипи на секцијата се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот.

Под надлежност на оваа секција се патишта во должина од над 110 километри: делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.

Вообичаено на патниот правец Дебар – Маврово најчести се одроните кај селата Рајчица, Косоврасти и Јанче, месноста Ростушки Мост, потоа во близина на Бигорски манастир и месноста „Сенечки ливади“, на патот кон Струга кај месноста „Три чешми“ (Манастирец).