Прилеп се подготвува за „Пиво фест“, угостителите тријат раце
Деновиве Прилеп живее во знакот на подготовките околу годинешниов дванаесети по ред „Пиво фест“, манифестација која го заслужи статусот на најголема балканска забава...

Само неколку денови не делат од најлудата и најголемата забава на Балканот, 12-то издание на Пиво фест. Во Прилеп веќе се е подготвено за овој спектакл, криглите веќе се ставени во функција, апаратите за точење се монтирани, пивото се лади, а скарата е „мммм“ – но за да неа ја пробате мора да дојдете на 17 јули. Угостителите уште од сега тријат раце.
„Ние како прва пивница во градот имаме преку 70 видови на пиво, јас секогаш на шега велам дека Прилеп колку што ќе направи профит за овие 4 дена толку Охрид прави преку цела сезона“, рече Јане Ченто, угостител.
„Имаме гости од цела Македонија и странство и нормално очекуваме да поминеме убаво“, вели Љупчо Киселоски, угостител.
Хотелските капацитети се скоро исполнети со резервации, место се бара и во соседните градови.
„Апел до сите оние кои сакаат да дојдат на Пиво фест да си резервираат соби бидејќи скоро веќе се е исполнето“, истакна Гоце Мирчески, хотелиер.
„Сместувачките капацитети на нашиот хотел се веќе исполнети така што гостите прифаќаат сместување и во другите околни градови како Крушево на пример“, кажа Андријана Ристеска, хотелиер.
Сите пак оние кои сакаат тие 4 дена да ги поминат малку поавантуристички локалната самоуправа и годинава обезбеди бесплатен кампинг простор на Паркот на револуцијата, каде камперите секое утро ќе добиваат бесплатно, кафе, чај и чорба.
Тони Цетински, Жељко Самарџиќ, Емина Јаховиќ, Јелена Розга, , „Хладно пиво“, Даниел Кајмакоски, се само дел од ѕвездите кои оваа година ќе настапат на фестивалот.
„Оваа година очекуваме да ги урнеме сите досегашни рекорди, бидејќи имаме и рекордно досега поставени штандови за скара и пиво“, вели Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Ќе бидат задоволени сите музички вкусови, од турбо фолк, поп рок, па се до електронска музика со диџеи до раните утрински часови, на вас останува само да дојдете, верувајте нема да зажалите.
Дарко Штаргоски
