НП „Пелистер“

Водите од пелистерските чешми неисправни за пиење

16.09.2024 11:36

Последните анализи на Центарот за јавно здравје-Битола покажаа неисправност на водата од планинските чешми во Националниот парк Пелистер и подпелистерските села. Согласно Националната програма за јавно здравје, и по извршената микробиолошка и хемиска анализа, резултатите од одделението за хигиена и здравствена екологија, покажаа висок процент на бактерии кои се индикатори на фекално загадување. Велат истиот проблем се провлекува со години. Водата е со висок ризик за сите консументи. Додаваат дека е потребно почесто чистење на каптажите. Од Национален парк Пелистер велат дека чешмите редовно се одржуваат, но резултат нема. За да се реши овој проблем велат потребно е изградба на нови системи и чешми, што за жал се голема инвестиција...

Присуство на висок процент бактерии кои се индикатори за фекално загадување на водите од пелистерските чешми и подпелситерските села, покажаа последните резултати од анализите на Центарот за јавно здравје-Битола по извршената микробиолошка и хемиска анализа. Ваквата состојба се должи на дотраеноста и неодржување на каптажите на чешмите, вели доктор Богоевска.

Квалитетот на водата не може да се одреди органолептички. Бактериолошки неисправните води се питки, со својствен мирис и вкус, велат од Одделението за хигиена и здравствена екологија, навидум изгледаат исправни, но се со голем ризик особено за малите деца, бремените жени лицата со намален имунитет.

Овој висок процент на бактериолошка неисправност на чешмите не е новонастаната состојба, ова е состојба која се провлекува години наназад, а пред сè се должи на застареноста на самите каптажи на чешмите и потребно е почесто механичко и хемиско одржување.

Од Националниот парк Пелистер информираат дека каптажите редовно се чистат, но резултат нема, велат проблемот е подлабок. Потребно изградба на нови чешми и нови системи, што реално е голема инвестиција.

Ако порано посетителите на овој туристичко излетнички центар Пелистер, уживаа во чистиот планински воздух и студената вода од пелистерските чешми. При посета на истиот можат да наидат само на нови информативни табли кои укажуваат на повеќе годишниот проблем со водата.

 

Александра Максимовска