Мицкоски: Протестна нота денеска ќе му биде врачена на бугарскиот амбасадор
Премиерот нагласи дека сме подготвени секогаш на добрососедските односи со добрина да возвратиме, но кога ќе видиме дека се поминати црвените линии, тогаш ќе мораме да интервенираме...

Денеска ќе му биде врачена протестна нота на бугарскиот амбасадор во земјава, откако претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова при посетата на Софија и средбата со бугарскиот претседател Румен Радев била повикана да се слика без македонското знаме, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
„Нема повеќе да имаме меѓународна политика, ниту дипломатска со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што вие ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса. Но, она што е поважно за мене е тоа што Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, а тоа и го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери Бугари во Устав, тоа е најмалиот проблем. Таму многу е поголема потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери“, изјави денеска премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот нагласи дека сме подготвени секогаш на добрососедските односи со добрина да возвратиме, но кога ќе видиме дека се поминати црвените линии, тогаш ќе мораме да интервенираме. Како што посочи, македонската делегација за непоставувањето на државното знаме не реагирала веднаш во знак на почит на двајцата пилоти, кои истиот ден го загубија животот во авионска несреќа.
За работата на Мешовитата комисија со Бугарија, премиерот Мицкоски очекува разговорите да продолжат во духот на пријателството и добрососедство.
