Германија воведува проверки на сите граници со цел да се ограничи миграцијата
Поради илегалната миграција и зголемениот број терористички напади, како што веќе најави, Берлин од денеска воспоставува гранични контроли на сите премини кон деветте земји, коишто патем се исто така членки на Шенген зоната како и Германија. Реакциите пристигнуваат од соседите, Австрија порача дека нема да ги репатрира мигрантите, Унгарија бара надомест за штетата за загубеното време, Полска ќе побара итни консултации со Брисел…

Нема влез во ветената земја, нема ни барање за азил. Контрадикторната одлука на германската федерална влада да ги зајакне граничните контроли кон земјите-членки на Шенген и на ЕУ-зоната, предизвика лавина реакции кај соседите. Од денеска на премините кон деветте земји-соседи може да се забележи присуството на вооружени полицајци. Берлин се реши на овој краен потег откако илегалната миграција, запрена во Велика Британија, амортизирана во Франција главно се насочи кон либерална Германија предизвикувајќи наместа и терор. Аналитичарите коментираат-Шолц се спротивставува на растечката улога на алтернатива за Германија пред изборите наесен наредната година.
„Бројот на мигрантите опаѓа откако воспоставивме гранични контроли, и тоа ќе го правиме на границите сè додека е можно. Успешни сме во ова, но имаме проблеми со нашите соседи“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц.
Соседите не останаа неми на создавањето на автономниот германски остров во рамките на Шенген зоната. Будимпешта одамна тврдеше-Германија и миграцијата го уништуваат Шенген, Австрија нема да ги прима назад мигрантите, Варшава започнува консултации со Брисел.
„Ова е неприфатливо и е незаконски. Ова што планира Германија да го направи. Затоа нема да прифатиме никого назад. И воопшто нема флексибилност“, изјави Герхард Карнер-министер за внатрешни работи на Австрија.
„Ние сме подготвени да ја тужиме Европската комисија за надомест на трошоците поради контролите. Изминативе години Унгарија потроши две милијарди евра на заштита на Шенген границите, без никаков надомест“, изјави Гергели Ѓилаш-шеф на кабинетот на унгарскиот премиер.
„Германската акција е неприфатлива за Полска, потегот на Берлин не е поради нас, сериозни сме со миграцијата. Но, поради Украина, повеќе треба да се посветиме на заштитата источните полски граници“, изјави Доналд Туск-премиер на Полска.
Околу пет илјади германски полицајци ќе вршат и контроли по случаен избор во внатрешноста на земјата, на автопатиштата, железниците. Засилената контрола на границите ќе трае најмалку во шесте наредни месеци, но според законикот на Шенген зоната, рокот може да биде продолжен и до три години.
Зоран Богатинов
