Нов обид за убиство на Доналд Трамп
Поранешниот претседател Доналд Трамп избегна нов атентат. Вчера попладне додека играл голф во Флорида, 58 годишно лице од Хаваи пукало кон него со автоматска пушка. Иако избега, полицијата успеа да го фати. Ова е втор обид за негово убиство...

Републиканскиот претседателски кандидат Трамп повторно мета на атентатор. Пукотници се слушнале во голф клубот на Флорида, на оддалеченост од неколку стотини метри од поранешниот претседател. Полицијата го уапси 58 годишниот Рајан Весли Рут, додека обидувал да побегне. Федералното истражно биро истражува обид за атентат.
„Ќе продолжиме да ја поддржуваме истрагата со целосните ресурси на ФБИ, заедно со нашите партнери со тајната служба на соединетите држави и канцеларијата на шерифот на Палм бич, како и канцеларијата на шерифот на округот Мартин и државните и локалните органи за спроведување на законот“, изјави Џефри Велтри – одговорен специјален агент на ФБИ.
Предизборен тим и тајната служба соопштија дека Трамп е на безбедно и не е повреден. По инцидентот во писмено соопштение, тој и се обрати на јавноста и истакна дека никогаш нема да се предаде.
„Имаше истрели во моја близина, но пред гласините да излезат од контрола, сакам да го слушнете ова прво од мене: јас сум безбеден и добар. Ништо нема да ме забави. Никогаш нема да се предадам. Единство. Мир. Да ја направиме Америка повторно голема. Господ да ве благослови!“, изјави Доналд Трамп.
Од Белата куќа соопштуваат дека претседателот Бајден е известен за повторниот обид за атентат на републиканскиот кандидат. Од Тајната служба побара да се вклучат сите ресурси за заштита и за безбедност на поранешниот претседател. Во Америка нема место за насилство, напиша неговата противкандидатка Харис.
„Го осудувам политичкото насилство. Сите ние мора да го дадеме својот придонес за овој инцидент да не доведе до натамошно насилство. За насилството нема место во Америка“, изјави Камала Харис.
Ова е втор обид за атентат врз поранешниот претседател Трамп. Пред два месеца вооружен маж стрелаше кон него на предизборен митинг во Пенсилванија. Тогаш Трамп беше полесно повреден, а напаѓачот беше ликвидиран.
Маја Стојанова
