Комитетот за истрага бара одговори што се случило на 7-ми септември на македонското небо
Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти влегува во Македонска навигација. Ќе истражува за безбедносниот настан на седми месецов над Скопје, кога бил избегнат судир меѓу два цивилни авиони...

Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти бара одговори од М-НАВ што се случило на македонското небо на 7-ми септември кога за влакно бил избегнат судир на два авиони. Истрагата е почната потврди за МТВ претседателот Зоран Илиевски кој вели дека веќе е испратено барање со прашања до македонска навигација, но и да ги достават снимките од разговорите на контролорите со пилотите на авионите. Од утре најави дека детално ќе се анализираат. Доколку има потреба вели Илиевски ќе се вклучат и надворешни соработници, но уверува, дека истрагата ќе биде спроведена на највисоко ниво.
„Досега во овие 7 години сме имале истраги на авионска несреќа, сме имале 6 сериозни инциденти со параглајдери и сме ги исправиле работите. Ние не утврдуваме одговорност, вина утврдува судот, ние бараме причина. Нашата истрага е од технички аспект, но ја наоѓаме причината и од неа извлекуваме заклучоци и препораки до надлежните органи за идна превентива, да не се случи такво нешто повторно“, вели Зоран Илиевски.
Од Агенцијата за цивилно воздухопловство информираат дека и нивен тим учествува во истрагата. Случајот е уредно пријавен и се постапува, кратко одговорија од институцијата.
На 7-ми септември авиони на „Туркиш ерлајнс“ и на „Сан-експрес“ за малку ќе се судриле на небото над меѓународниот аеродром во Скопје. Околу 18 и 30 била поднесе пријава за безбедносен настан од М-НАВ доставена до АЦВ. Да се проверат фактите и да не се избрзува со заклучоци, повика Здружението на контролори на летање. Тврдат дека пријавата за настанот била навремено процесуирана и нема намера да се забошоти случајот.
Викторија Милевска
