Македонија

Дрвата од опожарените шуми ќе се продаваат по редовна цена

16.09.2024 14:04

За да се ублажат последиците од големите шумски пожари, но и во насока на стопирање на намерното палење на шумите, ЈП „Национални шуми“ годинава дрвата од опожарените шуми ќе ги продава по редовни цени. Сопствениците на шуми апелираат сечата во опожарените шуми да се изврши бргу, за да се спречи ширење на болести кај здравите дрва…

Околу 200 шумски пожари летово проголтаа близу 60 илјади хектари шума. Додека се проценува штетата во дрвна маса, која според првичните пресметки чини околу 26 милиони евра, од „Национални шуми“ информираат дека опожарените дрвја годинава ќе се продаваат по редовна цена, а не како претходно по пониска цена, што се смета и како еден од мотивите за намерно предизвикување на шумски пожари.

Од Националното здружение на сопственици на приватни шуми ја поздравуваат одлуката на јавното претпријатие, но апелираат сечата да се изврши час поскоро како не би било доведено во прашање опстанокот на неопожарената шума.

Шумските пожари, освен што предизвикуваат штети по дрвниот фонд, имаат и далекусежни последици по екосистемите, природата и квалитетот на воздух.

Славица Величковска