Протестна нота од Скопје за Софија
Дипломатски скандал или ненамерен пропуст? По посетата на македонската делегација на чело со претседателката Сиљановска Давкова во соседна Бугарија, МНР го повика бугарскиот амбасадор во земјава да даде одговори зошто не беше истакнато македонското знаме. Премиерот Мицкоски најави дека ќе му биде врачена протестна нота…

Протестна нота за бугарскиот амбасадор во земјава и барање одговор зошто во петокот за време на средбата меѓу претседателите на Македонија и Бугарија е прекршен договорениот протокол па Сиљановска Давкова и Радев се сликаа само пред бугарски знамиња.
Не е коректно усно да се реагира и во време кога во Бугарија се случи авионска несреќа и загинаа двајца пилоти, велат во македонското Министерство за надворешни работи. Посочуваат дека биле свесни за ризиците, но дека другата страна отстапила од договорениот протокол.
За премиерот Мицкоски, потегот на Бугарија е покажување на мускули, а светот и Европа ги видоа вистинските намери на источниот сосед.
„Нема повеќе да имаме меѓународна политика, ниту дипломатска со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што вие ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса. Но, она што е поважно за мене е тоа што Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, а тоа и го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери Бугари во Устав, тоа е најмалиот проблем. Таму многу е поголема потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери“, изјави премиерот Мицкоски.
Бугарскиот претседател Румен Радев не гледа причина за кревање прашина, бидејќи вели, посетата на македонската претседателка била неофицијална.
„Иако состанокот беше целосно неформален, очекувам желбата за отвореност и конструктивност да биде преземена и од Владата на Северна Македонија. Јасно е дека ова не беше ниту државна, ниту работна посета. Се надевам дека претседателката набрзо ќе дојде во државна посета, со сите државни церемонии на протоколот, како придонес на натамошниот развој на нашите односи“, изјави бугарскиот претседател Радев.
И додека Сиљановска Давкова и Радев средбата во Софија за оценуваат како конструктивна и отворена, Мешовитата историска комисија во среда треба да го одржи новиот состанок. Мицкоски вели секои брзи одлуки може да се погрешни, па очекува во рамки на добрососедството, членовите на комисијата да разговараат.
Ако тргнеме под овие услови, ќе направиме повеќе штета отколку добро за државата, велат во МНР за тоа дека Бугарите треба веднаш да влезат во македонскиот Устав. Бараат одложено дејство и за тоа ги информираат челниците во Брисел, но и инсистираат на продолжување на дијалогот со Бугарија. Дијалог и добра волја може да нè доведе до решение, велат во МНР.
Миле Ристески
