Животен стандард

Се чека одлука за есенска потрошувачка кошница со пониски цени

16.09.2024 14:42

Последни калкулации за есенската кошница. Кои ќе бидат производите и по која цена ќе се продаваат, одлучува Владата на утрешната седница...

Се чека одлука за есенска потрошувачка кошница со пониски цени. Владата најави ограничување на цените и на маржите на бизнисот. Економските експерти велат дека мора веднаш да се преземат чекори, но каква било мерка на краток рок тешко дека ќе даде долгорочен ефект против инфлацијата. Тоа, според универзитетскиот професор Орце Симов, е поради зависноста на земјата од увоз. Ако не се зголеми домашното производство, проблемот ќе стане уште поголем.

И од ССМ алармираат дека мора да им се помогне на граѓаните за полесно да го поминат овој тежок период.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека за да се коригираат цените мора да се седне на маса заедно со трговците и производителите и да се направи стратегија за ублажување на ценовната политика.

Од стопанските комори предупредуваат дека ваквите ад хок мерки може да поттикнат дополнителна инфлација.

Од Министерството за економија најавија дека ќе информираат што сè ќе влезе во најавената „есенска кошничка“, за која утре ќе се гласа на владина седница.

 

Борис Грујоски