кибер-безбедност

Граѓаните мета на фишинг- измами

16.09.2024 15:15

Народната банка предупреди на нов и многу опасен начин на „фишинг“ на кодови за авторизација за преземање на платежните сметки на граѓаните. Советуваат граѓаните да направат прилагодување на лимитите за плаќање со нивните платежни картички согласно нивната вообичаена потреба и редовно да ги следат сметките за сомнителни активности...

Народната банка предупреди на нов и многу опасен начин на „фишинг“ на кодови за авторизација за преземање на платежните сметки на граѓаните.

Според оваа измамничка шема, пристигнува фишинг порака смс или порака на е-пошта, во која се наведува на итност на испорака на пратка и се дава врска на интернет-страница, на која се бара да се дадат податоци на сопственикот на сметката, име и презиме, адреса, сериски број на платежната картичка, датум на важност и СВВ код. Измамникот ги користи овие информации за отворање на гугл пеј паричник. По почнување на постапката за отворање на гугл пеј паричник, банката на измамениот граѓанин му испраќа ОТП код кој ако се внесе оди директно на злонамерната интернет-страница. Измамникот со овој код ја завршува регистрацијата на гугл пеј паричникот и оттогаш располага со средствата на измамениот граѓанин.

Од Народна банка апелираат на поголема внимателност при одобрување на ОТП кодот за плаќање преку интернет. Доколку ОТП кодот е доставен со намера да се изврши дигитализација на вашата платежна картичка, а вие тоа не сте го побарале, прекинете со активноста и веднаш контактирајте ја банката.

Од Народната банка советуваат граѓаните да направат прилагодување на лимитите за плаќање со нивните платежни картички согласно нивната вообичаена потреба и редовно да ги следат сметките за сомнителни активности.

 

Ирина Гелевска