Лековитите бањи неискористени

Божиновска најави вонреден надзор по сторијата на МТВ за термалните води во Истибања

16.09.2024 15:09

Ресорната министерка Божиновска во писмениот допис до МТВ посочува дека свесни за своите ингеренции и наследените состојби со кусок кадар за надзор, набрзо ќе преземат дејствија за законски измени, а пред сè ќе побараат вонреден надзор...

Откако МТВ објави сторија, за можни вишоци термални води од Истибања кои концесионерот „ЗИК Брегалница“ не им го отстапува на граѓаните, во истражување на состојбите ќе се вклучи и надлежното новоформирано Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Ресорната министерка Божиновска во писмениот допис до МТВ посочува дека свесни за своите ингеренции и наследените состојби со кусок кадар за надзор набрзо ќе преземат дејствија за законски измени, а пред сè ќе побараат вонреден надзор.

„Ве известуваме дека во следниот период ќе побараме вонреден надзор и согласно нашите надлежности ќе ги провериме сите наводи произлезени од вашето истражување и ќе бидете навремено известени. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е формирано за да донесе економски развој, сигурност во енергетиката и да воспостави систем кој ќе ги детектира и спречи сите злоупотреби во дејностите во наша надлежност“- стои во писмениот одговор на ресорната министерка Божиновска.

Советот на Општина Виница во 2022 година побарал ревизија на концесијата поради малите суми на уплати и сомнежи дека се оштетува буџетот. Концесионерот платил 530 илјади денари на пример за 2017 година за вода која од 4-те бушотини има капацитет на проток од близу 90 литри во секунда. Концесионерот ги отфрли наводите. Вели дека едната бушотина била нефункционална и дека тој за да ги грее оранжериите дури докупува мазут.

Самандов додава дека неговите водомери ги читаат инспекторите од животна средина секои 10 дена или месечно, а дека тој води и внатрешна евиденција за потрошените количини.

Од Министерството, пак, посочуваат дека пресметката на концесискиот надоместок за експлоатирана количина на 1 метар кубен геотермална вода се врши по формула дадена во табела согласно тарифник за утврдување висина на надоместоци од Служебн весник бр. 24/2020.

Фиљана Кока