Сиљановска Давкова прими ученици - добитници на меѓународни награди и признанија
На приемот, на кој присуствувала и министерката за образование и наука Весна Јаневска, претседателката Сиљановска Давкова упатила честитки за постигнатите резултати и посочила на потребата од изнаоѓање на трајно системско решение за соодветна поддршка на најуспешните и најталентираните ученици...

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска прими ученици-добитници на меѓународни награди и признанија во текот на 2024 година и нивните ментори.
Учениците, како што соопштуваат од нејзиниот Кабинет, се дел од Сојузот на математичарите на Македонија, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, Македонското географско друштво, Здружението на информатичарите на Македонија, Друштвото на физичари на Македонија, Македонското биолошко друштво, како и ученици, таленти кои индивидуално учествувале на меѓународни натпревари и постигнале успех.
На приемот, на кој присуствувала и министерката за образование и наука Весна Јаневска, претседателката Сиљановска Давкова упатила честитки за постигнатите резултати и посочила на потребата од изнаоѓање на трајно системско решение за соодветна поддршка на најуспешните и најталентираните ученици и нивните учества на меѓународни натпреварувања. Порачала дека политиките, особено образовната политика, треба да бидат соодветни и сообразени со потребите и интересите на оние кои се највредни и најперспективни.
Учесниците на приемот биле дел од 65. Интернационалната математичка олимпијада во Англија, Олимпијада по математика „Коперникус“ на Универзитетот Колумбија во Њујорк, 35. Меѓународна олимпијада по биологија во Астана, Казахстан, 8. Европска олимпијада по физика во Кутаиси, Грузија, 54. Меѓународна олимпијада по физика во Исфахан, Иран, 56. Меѓународна олимпијада по хемија во Ријад, Саудиска Арабија, 7. Меѓународна економска олимпијада, во Хонг Конг, Меѓународната олимпијада по германски јазик, Меѓународна олимпијада по англиски јазик, Европската олимпијада по информатика за девојки во Велдховен, Холандија, Европската јуниорска олимпијада по информатика во Молдавија, Светскиот натпревар „Мајкрософт Офис Специјалист 2024“ во Лос Анџелес, САД и други врвни натпревари.
