СП Бразил 2014

Европа ја покори Америка

14.07.2014 12:45

По двочасовната војна на нерви, со малку шанси и неколку промашени сто процентни шанси, Германија во Рио, вчеравечер го освои светскиот фудбалски врв. Геце беше чудото кое направи пресврт во 113-та минута...

Европа конечно на фудбалски начин ја покори Јужна Америка, или Америка воопшто, а кој друг можеше тоа да го направи освен Германија.

„Панцирите“ се првите Европјани што го освоија Мудијалот на американско тло. Ова е нивни четврти трофеј благодарение на победата во финалето во Рио на Маракана, против Аргентина со 1:0. Ова е нивно трето меѓусебно големо финале, второ решено во финишот, но овој пат не во основниот дел, туку во продолжението, со погодокот на Геце во 113-тата минута, во најдобрата акција на мечот, по прекрасното додавање и велемајсторскиот полуволеј.

Во основните 90 минути и првото продолжение немаше голови, иако двете селекции создадоа по неколку сериозни шанси. Гонзало Игуаин во 21-та минута ја имаше најголемата прилика да им донесе водство на „Гаучосите“ но неговиот удар заврши крај голот на Мануел Ноер. На другата страна Бенедик Хеведес ја погоди стативата по корнерот пред крајот на првото полувреме.

Ниту во вторите 45 минути не се затресоа мрежите, а најблиску до такво нешто беа Лионел Меси кај Аргентина и Тони Крос кај Германија.

Првото продолжение го одбележаа Андре Шурле со добриот удар и шансата на Родриго Паласио. Потоа следуваше погодокот на Геце по кој Аргентинците не успеаја посериозно да се заканат.

Германците заслужено дојдоа до пехарот, бидејќи беа одлични во овој мундијал, за нијанса подобри во финалето, во коешто имаше повеќе тактика отколку фудбалска убавина.

Германците ја имаа топката, креираа напади, беа поблиску до противничкиот шестнаесетник- за 11-ти шампионски трофеј на европските репрезентации во 20-тото големо мундијалско финале.

Следното светско првенство се игра по четири години во Русија.