Невреме

Едни расчистуваат, други се подготвуваат за поплави

17.09.2024 08:28

Властите во Будимпешта се подготвуваат за големи поплави откако водостојот на реката Дунав продолжува да расте по циклонот „Борис“. Додека едни ги расчистуваат последиците од невремето, на други допрва им претстои црвена тревога...

По поплавите во Австрија, Чешка, Полска и Романија, на удар се очекува да се најдат Словачка и Унгарија. Властите во Будимпешта се подготвуваат за големи поплави откако водостојот на реката Дунав продолжува да расте по циклонот „Борис“. Додека едни ги расчистуваат последиците од невремето, на други допрва им претстои црвена тревога.

„Целиот стан, сите овие делови се уништени. Дури и прозорците пукнаа од водата. Гаражата, спалната соба, новата кујна што ја имав се е под кал“, изјави Ерих Халфар, жител на Опава, Чешка.

Во Долна Австрија ноќеска е евакуирано цело село поради опасност од пукање на браните.

„Штетите се огромни, човечкото страдање е големо и затоа е неопходно да се застане рамо до рамо за заедно да се справиме со оваа катастрофа од поплавите“, изјави Карл Нехамер, федерален канцелар на Австрија.

Сè уште се трага по исчезнати додека бројот на жртви расте.