Земјоделство

Автохтоните земјоделски култури се штитат од исчезнување

14.07.2014 12:59

Земјодлескиот факултет – Штип ги чува од исчезнување автохтоните земјоделски култури. Секоја година се произведува висококвалитетен семенски материјал од сусам, наут, сончоглед и афион...

Штипскиот универзитет ги чува од исчезнување автохтоните земјоделски култури. Приоритет е зачувување на автентичното македонско семе на афион, наут, сусам и сончоглед кои некогаш беа карактеристика на Овчеполието.

„Вршиме обнова на семенскиот материјал и доколку има побарувачка за овие култури, подготвени сме, во релативно краток временски пероиод да ги произведеме“ изјави Васко Златковски од Земјоделски факултет – Штип.

Заедно со наставно научниот кадар на зачувувањето на овие култури и на истражување на почвата, работат и студентите.

„Во моментов работиме на мерење на опитен јачмен, број на пратинки, должина на клас и ги воведуваме податоците во евиденција, за потоа да може да се утврди која сорта е најпрофитабилна на ова поднебје“, вели  Филип Камчев, студент на Земјоделски  факултет – Штип.

Освен за конвенционално, овде постојат идеални услови и за органско производство.

„Мораме да обрнеме поголемо внимание на информираноста и научните истражувања. Доколку го постигнеме тоа, Македонија може да биде водечка земја по производство на органска храна во регионот“, смета  Горан Колев, контролор на серификати за органско производство.

Сепак, овие ресурси малку се искористени. Колку за илустрација, годишните потреби од масло за јадење се околу 25 илјади тони од кои само 10% се обезбедуваат од домашното производство, првенствено како резултат на малото производство на сончоглед.

Афионот, пак во 2009 бил застапен на  674 хектари, додека сега го има само на  200 хектари.

 

Оливера Жежова