Европа се бори незапамтени поплави
Стариот континент на удар на климатските промени. По невообичаено топлиот период, Европа се бори незапамтени поплави. Илјадници лица останаа без своите домови, поплавени се патишта, во некои делови има прекин на електричната енергија...

Дождот престана, нивото на водата опадна, но драмата во централна Европа продолжува. Во долна Австрија евакуирано цело село поради опасност од пукање на браните.
„Штетите се огромни, човечкото страдање е големо и затоа е неопходно да се застане рамо до рамо за заедно да се справиме со оваа катастрофа од поплавите“, изјави Карл Нехамер – федерален канцелар на Австрија.
Во чешкиот град Острава браната попушти. Водата ја преплави областа. Ситуацијата е исклучително сериозна – вели чешкиот претседател.
„Не знаев дека водата доаѓа, не очекував толку многу вода. Требаше да останеме во станот, но кога видовме што се случува, моравме да заминеме“, изјави Јулиус Балог – евакуиран жител на Острава, Чешка.
„Се чини дека на некои места ситуацијата е можеби уште полоша од најлошата поплава во 97-та година, а потоа и во 2002-та. Но, верувам дека сега, поради начинот на кој е подготвен нашиот систем за итни случаи, можеме да одговориме многу поефикасно“, изјави Петр Павел – претседател на Чешка.
Додека едни ги расчистуваат последиците од невремето, на други допрва им претстои црвена тревога. На удар се Словачка и Унгарија. Властите во Будимпешта се подготвуваат за големи поплави откако водостојот на Дунав продолжи да расте. Онаму каде што пикот помина, останаа калливи траги од невремето. Голем дел сè уште се без струја и вода за пиење.
„Водата беше до колена, креветите мирисаа на вода и кал. Невозможно е да се опише, немаме каде да се вратиме, немаме ништо“, изјави Ева Малуска – локална жителка на Глухолази, Полска.
„Целиот стан, сите овие делови се уништени. Дури и прозорците пукнаа од водата. Гаражата, спалната соба, новата кујна што ја имав се е под кал“, изјави Ерих Халфар – жител на Опава, Чешка.
„Мислевме дека ќе биде во ред. За неколку секунди сè се поплави. Внатре сè е уништено. Немам зборови. Се чувствувам празно. Погледнете ја нашата семејна фотографија“, изјави Лена Раушер – жителка на Хасендорф, Австрија.
Циклонот Борис досега зеде речиси 20 жртви, а се стравува дека бројот може да се зголеми затоа што сè уште се трага по исчезнати.
Бојана Крстевски
