Власта бара одложена примена на уставните измени, експертите резервирани
Власта бара одложена примена на уставните измени – премиерот Мицкоски за два дена со предлогот во Брисел, експерти резервирани, дали ЕУ може да понуди гаранции...

Француски предлог плус, кој ќе гарантира процесот на преговори да не се билатерализира, односно одредени земји членки да блокираат поради билатерални спорови, а не поради неисполнување на критериумите – ова е решението со кое ќе настапи македонската делегација на средбите со европските претставници во Брисел. Шефот на дипломатијата Муцунски во интервју за „360 Степени“ рече дека со уставни промени со одложено дејство, односно по ратификација на членството во ЕУ од сите земји членки ќе се оневозможат дополнителни барања од Бугарија.
„Гаранцијата примарно ја бараме преку институциите на Европската унија, на начин на кој ќе има сериозна посветеност не само кон нас туку и кон регионот. Сметаме покрај одложената примена на уставните измени, примената на пресудите на Европскиот суд за човекови права, како и воспоставување на некој систем помеѓу нашата држава и европските институции, може да биде праведлив пат напред“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.
Шефот на дипломатијата смета дека ЕУ треба да покаже искреност во процесот на проширување со државите од Западен Балкан.
„Сега ние им велиме патот којшто сте го нацртале ни штети нам, ќе ви штети и вам, дајте да нацртаме нов пат. И не само тоа, нудиме и логично решение. Нудиме решение кое и од правна и од политичка гледна точка не е ништо страшно, ниту нешто опасно“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.
Директорката на Институтот за европска политика во изјавата за МТВ скептична дека ова ќе наиде на разбирање, особено што Софија останува цврсто на ставот за неменување на веќе договореното.
„Тешко ми е да видам сценарио во кое Бугарија ќе прифати дел од овие барања. Веројатно посетата е поради најавите на комесарот Вархеји дека во октомври ќе се одржи и втората меѓувладина конференција со Албанија, како и меѓувладина конференција со Србија, што значи дека формално двете држави ќе се раздвојат во процесот на преговорите“, изјави Симонида Кацарска - директорка на Институт за европска политика.
Муцунски смета дека Грција нема да се противи на евроинтеграцијата, иако грчки политичари најавија дека неупотребата на уставното име Северна Македонија ќе биде причина за несогласување од Атина за отворање на поглавјата. Не треба да се поставуваат рокови кога ќе почнеме со отворање на поглавјата со ЕУ во рамки на преговорите, смета Муцунски.
Од МНР очекуваат извинување од Софија за протоколарниот пропуст при посетата на претседателката Сиљановска-Давкова на Бугарија.
Ирина Гелевска