Почнува Лигата на шампионите во новиот формат
Во првото големо дерби Милан домаќин на Ливерпул...

Со шест натпревари вечерва стартува воведното коло во фудбалската Лига на шампиони (ЛШ) во новиот формат. Ќе учествуваат 36 клубови, а ќе се одиграат осум кола. Во секое коло ќе се играат по 18 натпревари.
Групната фаза на ЛШ ќе трае од 17 септември оваа година до 29 јануари 2025 година. Осумте првопласирани екипи ќе обезбедат директен пласман во осминафиналето на ЛШ, додека клубовите од 9 до 24 место ќе играат плеј-оф за пласман во осминафиналето.
Клубовите кои ќе завршат од 25 до 36 ќе ја завршат сезоната.
Титулата во Лигата на шампионите ја брани Реал, кој минатата сезона во финалето ја победи Борусија Дортмунд со 2:0. Реал има најмногу трофеи во Лигата на шампионите, вкупно 15.
На втората позиција е Милан со седум, следуваат Баерн и Ливерпул со по шест трофеи, додека Барселона пет пати била европски првак.
Реал одбраната на титулата ќе ја започне денеска против Штутгарт. Првото коло ќе го обележат италијанско-англиските пресметки. Исто така, Милан денеска ќе го пречека Ливерпул, а утре во репризата на финалето од сезоната 2022/2023 Интер ќе гостува кај Манчестер сити, додека во четврток актуелниот победник во Лига Европа, Аталанта ќе го пречека Арсенал.