Балансерот утре на дневен ред на седницата на Уставниот суд
Според ДКСК со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт...

Предметот за балансерот кој е оформен по поднесена иницијатива од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), утре е на дневен ред на седницата на Уставниот суд.
Оспорени се член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор, во делот „припадност на заедница“, информираат од Уставниот суд.
Според ДКСК со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредби од Уставот.
Антикорупциската комисија на седницата одржана на 11 јануари годинава одлучи да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.
