Почна расправата за Предлог- законот за заемот од Унгарија
Во законодавниот дом почна расправата по Предлог-законот за задолжување на Република Македонија со заем од половина милијарда евра од Унгарија, по скратена постапка…

Унгарскиот заем пред пратениците. Предлог-законот денеска е на пленарна седница. Опозицијата не учествуваше на комисиската расправа, оти смета дека решението треба да се носи во редовна постапка. Заменик- министерот за финансии, Николче Јанкуловски пред пратениците го образложи Предлог- законот.
Вкупниот износ на заемот од Унгарската експорт – импорт банка изнесува 500 милиони евра. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Македонија ќе ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво.
Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.
Дополнително, Република Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност. Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата.
Половина од средствата од овој заем, како што беше појаснето од Владата, ќе се користат за развој на општините, а другите како помош за економијата и за буџетски потреби.
Пратениците од опозицијата со жестоки критики за задолжувањето. Пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи нагласи дека законот е коруптивен и е договорен во четири очи уште кога партијата на власт била во опозиција.
Марина Стојанова-Тонева известува од Собранието
