Повеќе пари во Велешкиот буџет

14.07.2014 13:22

Општинската каса во наредните шест месеци ќе биде потешка за 550 илјади евра. Советниците го изгласаа ребалансот. Ќе се градат нови улици,водоводни и канализациони линии. Ќе има повеќе работа за локалните градежни компании...

За 550 илјади евра зголемен е основниот буџет на општина Велес. Претходно тој беше проектиран на околу четири милиони и седумстотини илјади евра. Изнтензивната градба на инфраструктурни објекти ја наметна потребата од ребаланс и тоа позитивен.

„Најголем дел од промените се однесуваат во програмата за уредување на градежно земјиште како најголема капитална програма која со овој ребаланс на буџет се зголемива на околу 200 милиони денари“, рече Елизабета Чуповска, претседател на Комисијата за финансирање, буџет и економски развој.

Дел од парите со кои се зголеми основниот буџет, Општината ќе ги обезбедат од продажбата на 18-те парцели од кои дел се во индустриската зона Караслари.

„Станува збор за продажба на парцели кои се однесуваат на изградба на куќи за домување, парцели кои се однесуваат за изградба на градби во делот на лесна и незагадувачка индустрија, парцели кои се наоѓаат во индустриските зони во Велес“, рече Александар Колев, претседател на Советот на општина Велес.

Зголемувањето на буџетот и реализација на градежни проекти според екомонистите ќе отворат повеќе работа за локалните компании.

„Градежните работи ќе имаат повеќе работа на локално ниво што во суштина значи целокупно подобрување на локалниот економски развој на градот Велес“, рече Виолета Галева, економист.

По втор пат општина Велес во своето портфолијо запишува позитивен ребаланс на буџетот. Пред изгласување на ребалансот вкупниот буџет на Општината беше проектиран на околу 12милионидвестатриесет илјаде евра.

 

Дијана Иванова