Конференција

Љутков: Ќе ги поддржиме иновациите во културниот сектор

17.09.2024 13:39

Поздравувајќи ја организацијата на конференцијата, Љутков рече дека се дебатира за исклучително важна и актуелна тема, која на едно место ги обединува нашите напори и стремежи за развој и унапредување на културната, туристичката и економската сфера...

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Музејот на македонската борба се обрати на седмото издание на конференцијата „Културните и креативните индустрии: предизвик за туризмот, културното наследство и економијата“, во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Поздравувајќи ја организацијата на конференцијата, Љутков рече дека се дебатира за исклучително важна и актуелна тема, која на едно место ги обединува нашите напори и стремежи за развој и унапредување на културната, туристичката и економската сфера.

Осврнувајќи се на културните и креативните индустрии, министерот Љутков нагласи дека со својата посебност и потенцијал, тие можат да бидат моќен двигател на економијата.

Препознавајќи го потенцијалот на културните и креативните индустрии, Љутков информираше дека Владата и Министерството за култура и туризам во наредниот период ќе се фокусираат, пред сè, на изработка на нова Национална стратегија за културни и креативни индустрии (ККИ), ќе се изврши мапирање на ККИ, а ќе се возобнови и Советот за ККИ.

Исто така, ќе се реализираат и низа работилници, саеми и кампањи за подигнување на свеста за придонесот на ККИ во економијата и општеството.

Повикувајќи на соработка меѓу сите засегнати, Љутков нагласи дека само така ќе можеме да создадеме синергија која ќе резултира со одржлив развој на нашата култура, туризам и економија.

На конференцијата се обратија и деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков; проф. д-р Владимир Јаневски од Музичката академија на УГД; проф. д-р Наташа Митева, продеканка на ФТБЛ; м-р Александар Јорданоски, експерт за културно наследство и Анче Илиевска, в. д. директорка на НУ Музеј на македонската борба за самостојност.