Европска комисија

Претставена нова Европска комисија, фокусот на климатските промени и безбедноста

17.09.2024 13:56

Урсула Фон дер Лајен во Стразбур, го претстави предлог-составот на новиот колеџ на комесари и распределбата на ресорите со кои ќе раководат...

Просперитет, безбедност, демократијата, конкурентност, дигиталната и енергетската транзиција, основни приоритети на новата Европска комисија. Во фокусот, климатските промени, војната во Украина, растот на Кина. Претседателката Фон дер Лајен во Стразбур официјално ги претстави новите еврокомесари и ресорите со кои ќе раководат.

„Целта е да се гарантира дека Европа може да ги наметне своите интереси и да предводи во светот. Минатиот пат темата за глобалното затоплување беше апсолутно на врвот, и ова беше причината зошто го започнав Европскиот зелен договор. Глобалното затоплување има огромно влијание и мораме да одговориме на предизвикот, но овој пат, на пример, темата за безбедноста предизвикана од руската војна во Украина, но и темата за конкурентност многу повеќе влијание врз составот и дизајнот на политичките насоки и се разбира на организацијата на колеџот“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Составот и распределбата на ресорите е избалансирана во однос на половата и географската застапеност. Новата комисија ќе има шест извршни потпретседатели од кои четири жени и двајца мажи. Фон дер Лајен стави шест жени меѓу осумте врвни позиции во нејзиниот тим. Меѓу нив се и Словенката Марта Кос назначена за нова еврокомесарка за проширување, на местото на Унгарецот Оливер Вархеји, но официјално ќе биде именувана само доколку ја добие поддршката од Парламентот на Словенија и од Европскиот парламент. Естонката Каја Калас за местото еврокомесарка за надворешна и безбедносна политика, додека некогашната бугарска министерка за надворешни работи Екатерина Захариева би го водела секторот стартапи, истражување и иновации, Тереза Рибера, назначена за извршен потпретседател за чиста, праведна и конкурентна транзиција.

„Ова е одлична можност да продолжиме да го градиме европскиот сон. Треба да работиме заедно и сум благодарна за добиената можност и одговорност во справувањето со економските и индустриските предизвици за европската бизнис-заедница“, изјави Тереза Рибера, назначена за извршен потпретседател за чиста, праведна и конкурентна транзиција, комесар за конкуренција.

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, која е избрана на чело на оваа институција за нов петгодишен мандат, деновиве на работен ручек во Брисел ќе ги собере лидерите на земјите од Западен Балкан, каде што главна тема е напредокот и остварувањето на целите од Планот за раст.

 

Маријана Димовска