Се бара решение за есенската потрошувачка кошница
Граѓаните сè уште на стенд-бај. Чекаат што ќе се договорат власта и бизнисот за есенската потрошувачка кошница. Во Министерството за економија веќе имало средби за да се слушнат мислењата на сите засегнати страни. Треба да се донесе одлука, дали ќе се интервенира кај цените или кај маржите…

Се чека одлука за есенската потрошувачка кошница. Власта ги продолжува разговорите со сите засегнати страни, за да има пониски цени за граѓаните, но да не бидат оштетени ниту производителите, ниту трговците. Експертите велат, мора да се најде решение кое ќе биде на подолг рок и да не се носат избрзани мерки, оти така може да се подгрее инфлацијата која им ги јаде парите на граѓаните.
Граѓаните ќе почекаат уште една недела. Тие се жалат дека цените секој ден одат и оти мора веднаш да се интервенира.
Со есенската кошница се очекува да се опфатат 100-тина прехранбени производи.
Синдикатите постојано алармираат дека мора да се зголемат платите, за луѓето колку толку да можат полесно да го поминат овој период.
Од 28-ти овој месец треба да стапи во сила и Законот за нефер трговски практики со кој се очекува да има одредено намалување на цените.
Борис Грујоски
