Фудбал – СП Бразил
Од Маракана враќање во фудбалското соѕвездие
14.07.2014 13:45
Германија, Аргентина, Маракана...светска фудбалска класика, која се одигра на најпрестижниот подиум. Изостана спектакуларноста, но тоа беше големо финале! Со беспрекорно тактичко надигрување и извонредни актери...

Светот на фудбалот доби нов владетел! Германија по скоро ¼ век го врати приматот. Стана првата европска земја,која ќе заплови од оваа страна на Атлантикот, од американското тло со највредниот трофеј во прегратките. Германците го заслужија! Може ли поинаку да се вреднува нивното мундијалско неимарство, особено завршната глазура? Во само неколку денонокија најнапред го демолираа и понижија Бразил, а потоа ја совладаа и Аргентина и тоа на нивниот, до вчера неприкосновен простор.
Германија, Аргентина, Маракана...светска фудбалска класика, која се одигра на најпрестижниот подиум. Изостана спектакуларноста, но тоа беше големо финале! Со беспрекорно тактичко надигрување и извонредни актери. Го немаше шармот и голеадата од 86-та со Марадона и Румениге, но беше многу посодржајно и покреативно од последната меѓусебна битка во Рим со епилог ист како синоќешниот на Маракана.
Рајските порти ги отвори резервистот Марио Геце, демонстрирајќи перфектна техника со восхитувачка смиреност и прецизност. Круна на германската упорност и менталната сила!
„Докажавме колку вредиме и колку добро работевме. Имаме многу играчи и долго ќе бидеме во светскиот врв. Можеби ова е првиот од златните медали ,кои допрва ќе ги освојуваме“- беа зборовите на германскиот тренер Јоаким Лев. Оваа фудбалка генерација на Германија ги има атрибутите на „златната“ од 70-те на Бекенбауер, Милер, Мајер...која долго траеше.
Аргентина беше силен опонент. Мајсторски го одигра финалето, особено во одбраната. Непрецизноста на Игуаин во раната фаза и единствената грешка на најхрабриот аргентински воин, Масчерано во завршницата, станаа одредница на мечот во кој решаваа нијансите. Алехандро Сабеља не можеше да ја сокрие разочараноста по мечот: „Долго ќе ја носиме горчината во себе, бевме толку блиску до целта. Тажен сум што не ја освоивме титулата, но горд сум на екипата. Играчите се мојата гордост и гордоста на нацијата. Имавме многу проблеми, кои резултатски би се одразиле врз секоја екипа“.
Златната топка му беше врачена на Лионел Меси. А, уште со првата објава почнаа полемиките дали престижниот трофеј оди во вистинските раце! Можеби мораше да го понесе некој од победниците, од Германците. Кои беа аспектите за вреднување!Квалитетите на Швајнштајгер, Милер, Хумелс и Нојер вклопени во германската машинерија или индивидуалните лидерски периоди на Меси во тешките аргентински настапи! Факт е дека немаше ниту малку среќа на лицето на Меси.За разлика од Мануел Нојер, кој бликаше од радост со титуларот „крал меѓу голманите“, свесен за сопствениот грандиозен придонес во освојувањето на титулата.
Бразил 2014-та ќе остане во сеќавањата! Резултатите од првите анкети се дека е ова најдоброто светско првенство во историјата.Офанзивниот фудбал е првиот адут. Со 171 гол Бразил се изедначи според ефикасноста со Франција од 1998-та! Потоа квалитетот на фудбалот кој се крева на просторите на до вчера маргиналните средини. Шпанија, Англија, Италија, Португалија веќе беа дома, кога Костарика, Колумбија,Мексико, Алжир на бојното поле им беа храбри и рамноправни опоненти на „големите и моќните “ во нокаут фазата.
Бразил е приказната за себе. Како фудбалска велесила, како голема земја влезе во авантурата да го пречека фудбалскиот свет! Со многу потешкотии ги изгради и ги наполни стадионите. Но, со резултатскиот неуспех ги испразни срцата. Последиците од финансиското фијаско, допрва ќе се чувствуваат!
Златко Калински
