Расте бројот на жртви во саботажата со пејџери во Либан и Сирија
Меѓу жртвите и ирански амбасадор. Хезболах и Техеран прстот го вперија во Израел. Ветија праведна одмазда...

12 жртви и илјадници повредени-расте бројот на загинати во саботажата со пејџери кои истовремено експлодираа во делови низ Либан и Сирија. Меѓу жртвите и ирански амбасадор. Хезболах и Техеран прстот го вперија во Израел. Ветија праведна одмазда. Тел Авив молчи. САД негира вмешаност.
САД не беа вмешани ниту пак, однапред известени за овој инцидент. Сè уште собираме информации. Не сакам да зборувам за тоа какви би можеле да бидат импликациите пред да биде потврден извештајот, но секако, би го повикале Иран да не го искористи овој инцидент и дополнително да доведе до нестабилност и зголемени тензии“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Шефот на Европската дипломатија Борел предупреди дека секој изминат ден без договор за примирје ризикува да прерасне во регионална војна.
„Не можам да предвидам што може да се случи во следните денови или недели, но сите вклучени актери мора да продолжат со притисок врз двете страни за да го постигнат овој договор, зошто навистина постои можност војната да се прелее не само во Либан, туку и во Црвеното Море“, изјави Жозеп Борел, министер за надворешни работи на ЕУ.
Државниот секретар на САД Блинкен во Каиро ќе се обиде да го спроведе договорот за примирје во Газа.
