Либан - Хезболах

Расте бројот на жртви по саботажата со пејџери на Блискиот Исток

18.09.2024 09:48

Расте бројот на жртви по саботажата со пејџери на Блискиот исток. Меѓу жртвите и ирански амбасадор. САД се огради од инцидентот. Порачаа случајот да не донесе дополнителна нестабилност и тензии...

Расте бројот на загинати во саботажата со пејџери кои истовремено експлодираа во делови низ Либан и Сирија. Меѓу жртвите и ирански амбасадор. Хезболах и Техеран прстот го вперија во Израел. Ветија праведна одмазда.

„Очигледно е дека повредените се од различни области, затоа што пристигнуваа во болниците во Дахије и Бејрут, но и на југот, особено во Тир и во областите на Бека“, изјави Фирас Абијад – привремен министер за здравство на Либан.

„Искористи или Изгуби“-е пораката која пристигнала на пејџерите по што експлодирале. Светските медиуми пренесуваат дека зад операцијата стои израелски МОСАД. Била подготвувана со месеци. Шефот на Хезболах Насрала за утре напладне најави обраќање. Тел Авив засега молчи. САД негира вмешаност. Го повика Иран да не го искористи инцидентот како повод за поширока војна.

„САД не беа вмешани ниту пак, однапред известени за овој инцидент. Сè уште собираме информации. Не сакам да зборувам за тоа какви би можеле да бидат импликациите пред да биде потврден извештајот, но секако, би го повикале Иран да не го искористи овој инцидент и дополнително да доведе до нестабилност и зголемени тензии“, изјави Метју Милер – портпарол на Стејт департментот.

Од инцидентот се огради и тајванската компанија чијшто бренд беше користен во координираниот напад. Тврди дека биле изработени од европски носител на лиценци.

„Имаме агенциска соработка и договор. Тие сакаа да направат пејџери и ме прашаа дали можат да го користат името на нашиот бренд за што ни плаќаа надоместокот. Тие дизајнираа самите, производите откриени во експлозијата не се наши“, изјави Су Чинг-Куан – претседател на компанијата „Голд Аполо“.

Шефот на европската дипломатија Борел предупреди дека секој изминат ден без договор за примирје ризикува да прерасне во регионална војна.

„Не можам да предвидам што може да се случи во следните денови или недели, но сите вклучени актери мора да продолжат со притисок врз двете страни за да го постигнат овој договор, зошто навистина постои можност војната да се прелее не само во Либан, туку и во Црвеното Море“, изјави Жозеп Борел – министер за надворешни работи на ЕУ.

Во Каиро со египетските власти, американскиот државен секретар Блинкен во уште еден обид да го спроведе договорот за примирје во Газа.

 

 

Бојана Крстевски