Култура

Балканска турнеја „Танец-75 години македонски код“

18.09.2024 10:41

Публиката во регионот, секогаш знаела да ја цени извонредноста на Танец и со сигурност нестрпливо ги очекува овие уникатни музичко-сценски спектакли, што секогаш ги премостуваат културните разлики и сведочат за обединувачката моќ на раскошниот македонски музички фолклор.

Во рамки на одбележувањето на 75 години од основањето, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ во четврток заминува на балканска турнеја чие мото е „ТАНЕЦ – 75 години македонски код“.

Публиката во регионот, секогаш знаела да ја цени извонредноста на Танец и со сигурност нестрпливо ги очекува овие уникатни музичко-сценски спектакли, што секогаш ги премостуваат културните разлики и сведочат за обединувачката моќ на раскошниот македонски музички фолклор. На претстојните концерти во Подгорица (20.9.2024), Љубљана (22.9.2024), Загреб (24.9.2024) и Бања Лука (27.9.2024), на големите сцени на КИЦ „Будо Томовиќ“, „Цанкарјев дом“, „Ватрослав Лисински“ и салата „Борик“, ќе биде изведена раскошна музичко-сценска програма од различни периоди на ансамблот, во која ќе бидат одиграни изворните ора „Тешкото“, „Женско Чамче“ и „Копачка“, како и дел од богатиот кореографски опус на Танец – спектакуларните кореографии „Жетварка“, „Мариовска тресеница“, „Малешевка“ и „Радовишки собор“, се вели во соопштението од „Танец“.

Во него е нагласено дека нема да изостане и богатата вокално-инструментална програма на оркестарот и хорот на „Танец“, заедно со првенката Сузана Спасовска, кои за публиката ќе исполнат повеќе антологиски песни од богатата ризница на македонскиот народ, како безвременските „Да сум бистра вода“, „Девојче, девојче“, „Седна баба да вечера“, „Лено, ле, Лено“, „Кирјана вино продава“, „Море сокол пие вода на Вардарот“ и многу други.

Ансамблот „Танец“ е основан во март 1949 година во Скопје и претставува еден од најважните столбови на македонската култура и традиција. Формиран е со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и ора, народните инструменти и носии, и преку соодветен уметнички израз да ги прикаже највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ. Благодарение на сите генерации кои ја градеа и спроведуваа јасно дефинираната програмска активност на основачите, ансамблот се развиваше и низ годините прерасна во една од најугледните и најрепрезентативните институции од областа на културата во регионот и во светот.