Јаневска: Сегашните состојби во образовниот систем создаваат повеќе предизвици, отколку што решаваат проблеми
Се воведуваат нови наставни програми и учебници за седмо, осмо и деветто одделение, како и за средно гимназиско образование, ќе се проширува концептот на дуално образование, се работи на воведување едносменска настава и продолжителен престој во училиштата, вели министерката Јаневска...

Сегашните состојби во образовниот систем создаваат повеќе предизвици, отколку што решаваат проблеми – признава министерката Јаневска. Таа вели дека се воведуваат нови наставни програми и учебници за седмо, осмо и деветто одделение, како и за средно гимназиско образование, ќе се проширува концептот на дуално образование, се работи на воведување едносменска настава и продолжителен престој во училиштата. Формирани се работни групи за петте нови законски решенија.
„За сите овие промени, потребна е квалитетна законска регулатива и во оваа прилика ќе потсетам дека, веќе започнавме со јавна дебата за менување на повеќе законски решенија – за основно и средно образование, за средно стручно образование, за образование на возрасните и за националната рамка на квалификации“, рече министерката за образование Весна Јаневска.
Европската унија укажува дека мора да се промени статус-квото, бидејќи земјава мора да го приспособи образованието на современите текови, создавајќи поволна средина за предавање и за учење.
„Идните реформи кои ги очекуваме за растот на Западен Балкан, очекуваме усвојување и имплементација на новата формула за финансирање на примарното и секундарното образование, потоа развивање на дигиталните вештини на учителите, водење во изборот на кариера во училиштата како и развој на дуалното образование“, изјави Александру Албу, Делегација на ЕУ во Северна Македонија.
Нема добро образование без мотивирани наставници. Додека се зборува за реформи, наставниците гласно бараат да се исполни ветувањето за зголемување на нивните плати за 12 проценти.
Александра Спировска
