Централна Европа

Библиски поплави во Централна Европа

18.09.2024 12:21

Библиски поплави во Централна Европа, досега е потврдена 21 жртва во Полска, Чешка, Словачка, Австрија, Романија. Следните земји на удар на поројните дождови се Италија и Унгарија, во тек е одбраната на Дунав во Будимпешта, Хрватска се подготвува за најлошото сценарио, исто така, и Словенија и Србија. Бурата „Борис“ предизвика прогласување на вонредна состојба во погодените земји.

5.000 војници се распоредени во полска кадешто владата прогласи едномесечна вонредна состојба поради природната катастрофа. Се бројат жртвите од незапаметените поплави во Централна Европа, има и исчезнати. Десетици региони и илјадници жители се евакуирани во три од земјите на подунавјето. Глетката по бранот поплави предизвикан од бурата „Борис“ е страотна, сирени на брзата помош и брчењето на хеликоптерските мотори, доминираат во погодените подрачја.

„Се е уништено, целосно, парите што ни беа за поправките, и сега немаме ништо“, изјави жител на Полска.

„Да, преплашена сум“, изјави жителка на Полска.

Битката со водената стихија и последиците не запреа во изминатата ноќ во Австрија. Во покраината долна Австрија котата на надојдената вода надмина два метра. И таму е забележан трагичен биланс.

„За жал, ја бележиме и петтата жртва, 81-годишна жена од областа Тулин. Пожарникарите го најдоа телото во поплавената куќа“, изјави Јохан Баумшлагер-полиција на долна Австрија.

Австрија ја забрани пловидбата по Дунав, службата на цивилната заштита во Италија прогласи жолта тревога во 50 региони меѓу кои и Емилија-Ромања кадешто работат многубројни македонски иселеници. Покрај Хрватска, и во Унгарија го очекуваат водениот удар, се отвораат некои од браните и резервоарите за да ја пренасочат водата. Премиерот Орбан во проверка на подготовките за поплавите.

„Ова е најтешката состојба во Унгарија досега, не толку на Дунав колку на притоката Лејда. Поплавата не можеме да ја контролираме со сегашната височина на браната, затоа експертите ни препорачаа привремено да го отвориме резервоарот. За тоа, моравме, да намалиме еден дел од браната“, изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.

Само пред неколку недели, Централна Европа страдаше од суша, топлотни бранови и пожари. Климатолозите со години предупредуваат на поројното време поради вжештувањето на планетата. Растот на температурата од еден степен целзиусов ја зголемува влажноста на воздухот за седум проценти.

 

Зоран Богатинов