Во земјава има само тројца полиграфисти, потребен е поголем број
Полиграфот како средство за детекција на психофизиолошки измами и негова примена во јавен и приватен сектор, е називот на тркалезната маса во организација на Факултетот за безбедност. На неа, домашни и странски експерти бараа начини како полиграфот да добие поширока примена во Македонија. Бројот на полиграфисти во земјава засега е недоволен, согласни експертите…

Во Македонија има недоволен број експерти, обучени за работа со полиграф. Потребна е обука на нови полиграфисти за да се овозможи поголема примена на оваа алатка.
„Проблемот е во кадарот, иако е предвидено со закон, не се применува. Немаме квалитетен кадар којшто ќе се вклучи во примена на полиграфското тестирање. Прво образовните институции треба да обучат кадри за тие да се вклучат во институциите“, изјави Маријан Николовски – професор на Факултет за безбедност.
Полиграфот може да се користи при избор на соодветен кадар за вработување, како и за периодично тестирање на вработените, особено оние на високоризични позиции во безбедносните служби, укажуваат експертите.
„Заедно со Факултетот за безбедност да најдеме модус, односно начин за понатамошна едукација на нови полиграфисти, коишто треба да бидат вработени во институциите кои имаат потреба од вакви тестирања, особено МВР и Агенцијата за разузнавање како и другите безбедносни институции“, вели Роберт Јаневски, раководител на Полиграф центар.
Полиграфот се користи и за лица на значајни позиции во приватни компании, изложени на ризик од финансиски малверзации, криминал и индустриска шпионажа.
Во земјава во моментов има само тројца полиграфисти.
Марија Котовска
