Финансии

Народна банка: Основната каматна стапка се намалува за 0,25 процентни поени

18.09.2024 12:55

Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети, на нивоата од 4,20 проценти и 4,25 проценти, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

Најновите услови во економијата овозможуваат да се почне со постепено претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика и е одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 процентни поени, на нивото од 6,05 проценти, соопшти денеска Народната банка.

Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети, на нивоата од 4,20 проценти и 4,25 проценти, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка вчера на  редовна седница ги разгледуваше најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Со ваквите промени, според НБ, се задржува внимателноста во монетарната политика имајќи ги предвид ризиците поврзани со надворешното окружување што сè уште постојат, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, вклучувајќи го и постепеното зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките (1 процент со примена од јули 2024 година), ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Воедно, промените во инструментот задолжителна резерва коишто се применуваат од јули 2024 година, придонесуваат за дополнителна поддршка на поставеноста на монетарната политика.

Од Народна банка информираат дека одлуката за монетарната политиката е заснована на оцените за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар. Годишната стапка на инфлација во август позначително забави и изнесува 2,2 проценти, при поволни движења кај сите три главни компоненти, односно пад на цените кај прехранбената и енергетската компонента и забавен раст на базичната инфлација.