СОНК најави штрајк со глад како поддршка на штипските професори
СОНК најавува штрајк со глад како поддршка за штипските професори. Тројца професори од Економскиот факултет – Штип четврт ден штрајкуваат со глад откако не добија поддршка за избор во повисоко звање при позитивни рецензии. За Републичкиот одбор за високо образование ова е преседан, а штипскиот Универзитет чека извештај и препораки од просветниот инспекторат...

Тројцата професори од Штипскиот Економски факултет веќе четврт ден штрајкуваат со глад во просториите на СОНК, откако наставно научниот совет не даде поддршка за нивен избор во повисоко звање. Професорите се категорични дека штрајкот нема да го прекинат.
„Се додека не се издејствува почитувае на член 132 од Законот за вискоо образоание каде стои дека изборот во повисоко звање го врши Наставно – научниот совет, врз основа на оценката во рефератот“, изјава доц. д-р Маргарита Матлиеска, еден од професорите кои штрајкуваат.
На нив наскоро би можеле да им се придружат и членови на претседателството на СОНК.
„Ќе донесеме одлука и целото Претседателство на СОНК , во знак на солидарност да се приклучи кон синдикалната мерка за остварување на своите права, односно да се приклучи кон штрајкот со глад“, изјава Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Со свој став околу случајот излегоа и од Републичкиот одбор за високо образование.
“По донесена позитивна рецензија, по неа треба да се гласа позитивно, осносно да се постапи строго по Законот за високо образование“ смета Петар Христов, претседател на Републичкиот одбор за високо образование.
Од друга страна, од Штипскиот универзитет со конкретен став ќе се огласат откако ќе го добијат извештајот на просветната инспекција. Денес околу случајот, се произнесоа писмено:
„Во моментот државниот просветен инспекторат делува и ја констатира постапката за избор на професорите на Економскиот факултет. Универзитетот се уште нема добиено решение дали е нарушена постапката, и ако е, како да постапи. Оттука, во моментот кога ќе се добие решение УГД ќе постапи согласно насоките на државниот просветен инспекторат“, стои во соопштението од Унверзитетот.
Инаку, Крсте Шајновски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски, се доценти на економскиот факултет во Штип кои конкурираа за избор во вонредни професори.
Оливера Жежова
