Термалните води од Истибања ја отворија пандорината кутија за тоа како концесионерите ги експлоатираат природните ресурси
Државниот завод за ревизија констатирал слабости на системот на наплата на надоместоците од концесионерите, особено во делот на проверките на потрошените количини. Според записниците од УЈП последната година поради ненаплатени средства оштетена е државната каса за близу половина милион евра. Вклучен е алармот и во Управата која има надлежност да ги контролира. Од Инспекторатот за техничка инспекција велат и ЗИК Брегалница како другите концесионери сами ги запишуваат потрошените количини а тие ги проверуваат најмалку еднаш годишно. Ревизорот укажува дека токму ова е најголемата слабост во системот на наплата...

Термалните води од Истибања ја отворија пандорината кутија за тоа како концесионерите ги експлоатираат државните природни ресурси. Откако ресорната министерка Божиновска најави вонредни контроли, и во УЈП е вклучен алармот за засилени проверки.
„Управата за јавни приходи преку овластени службени лица – даночни инспектори, спроведува постапка на надворешна контрола согласно член 102 од Законот за даночна постапка со цел да се утврди дали концесискиот надоместок е правилно пресметан и уплатен од страна на концесионерот и е согласно склучениот договор за концесија“, стои во дописот до МТВ.
Согласно записниците од УЈП од 2018 до 2022 година, државниот буџет е оштетен за над 340 илјади евра поради помалку наплатени концесиски надоместоци. Ова го утврдиле ревизорите во последниот извештај од 2023. Воспоставениот начин на пресметка на надоместоците за експлоатирани количини не ги одразува реалните пазарни и продажни цени кои ги остваруваат концесионерите. Пропусти има и кај Инспекторатот за техничка инспекција поради произволниот и селективен избор на контролен надзор на концесионерите.
Од Техничкиот инспекторат беше потврдено дека согласно постојниот правилник за водење на евиденција на произведени количини на минерална суровина, како и секој концесионер и ЗИК Брегалница бил должен да води дневна евиденција на произведени количини и дневно да ја заведува состојбата на мерниот инструмент поставен на секоја бушотина.
„Дали редовно се води евиденција од произведени количини на минерална суровина, Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини го контролира при секој редовен инспекциски надзор или најмалку еднаш годишно“, велат од Техничкиот инспекторат.
Жителите и општинските власти од Виница се сомневаат дека вишоци вода има и дека концесионерот намерно не им ја отстапува. Од Инспекторатот уверуваат дека комисискиот увид покажал дека нема вишоци вода, но сепак посочуваат дека концесионерот кога нема потреба од водата ги запира пумпите кои ја црпат.
Фиљана Кока
