Охрид

Потребна е нова стратегија за управување со кризи

18.09.2024 14:59

На Македонија и е потребна нова стратегија за управување со кризи, поради што со одлука на Владата е формиран тим којшто треба да понуди решенија со кои ќе се спречат состојби како летото кога на целата територија на државата беснееја пожари. Трансформацијата на системот ќе значи подобра координација на сите надлежни институции при што еден од најзначајните елементи ќе биде превентивното работење на терен …

Пожарите коишто се случија во текот на летото покажаа дека системот за управување со кризи е нефункционален, поради што тој ќе мора да се трансформира. За тоа да се реализира ќе бидат потребни измени на повеќе од 10 закони. Експертите велат дека нема потреба од набавка на нови воздухоплови, туку ставање во функција на веќе постојните и обука на пилоти.

„Шумските пожари не се гасат од воздух, авиоасистенцијата, помошта значи од воздух може да придонесе пожарот од високите гранки на стеблата да се спушти на земјата каде што настапуваат пожарникарите“, изјави Љупчо Димовски, заменик-претседател на Владата за политички систем.

Клучна е превентивата со што ќе се спречи опожарувањето на шумите, но во системот на управување со кризи треба да се вклучат и други природни непогоди.

„Ќе произлезат, убеден сум предлози, веројатно и промена на интервенција во одреден закон за вклучување на одредени институции во законска рамка, да функционираат во некаква форма, можеби спојување на ЦУК и ДСЗ“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Првиот чекор на тимот којшто работи на новата стратегија за управување со кризи ќе биде максимална подготовка за наредната година за да се исклучат ризиците од големи пожари на територијата на државата.

 

Сашо Нелоски