ОН бараат од Израел да го прекине присуството на палестинските територии
Генералното собрание на Обединетите нации денеска ќе усвои палестинска резолуција со која се повикува Израел да го прекине „незаконското присуство на окупираната палестинска територија“ во рок од 12 месеци...

Генералното собрание на Обединетите нации денеска усвои резолуција со која се бара Израел да го прекине „незаконското присуство на окупираната палестинска територија“ во рок од 12 месеци.
Резолуцијата доби 124 гласа „за“, додека 43 земји беа воздржани, а Израел, САД и 12 други гласаа против, пренесуваат светските медиуми.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да се обрати на 193-членото Генерално собрание на 26 септември, истиот ден кога и палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Резолуцијата го поддржува советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од јули, во кое се наведува дека израелската окупација на палестинските територии и населби е нелегална и треба да се повлече, пренесува Ројтерс.
Во советодавното мислење на МСП се наведува дека Израел треба да се повлече од окупираните територии „што е можно поскоро“, иако резолуцијата на Генералното собрание наложува рок од 12 месеци.
Советодавното мислење на МСП не е обврзувачко, но има тежина според меѓународното право и може да ја ослаби поддршката за Израел, наведува британската агенција.
Резолуцијата на Генералното собрание исто така не е обврзувачка, но има политичка тежина, додека собранието нема право на вето.
