БЛИСКИ ИСТОК

Нови експлозии на уреди за комуникација во Либан

19.09.2024 08:26

Најмалку 14 лица загинаа, а 450 се повредени овојпат во експлозија на воки-токи, во неколку области на Либан, особено во предградијата на Бејрут...

Најмалку 14 лица загинаа, а 450 се повредени овојпат во експлозија на воки-токи, во неколку области на Либан, особено во предградијата на Бејрут.

Генералниот секретар на ООН, Гутереш, предупреди на сериозен ризик од драматична ескалација на конфликтот. Свикан итен состанок на Советот за безбедност. Израелскиот министер за одбрана изјави дека почнале нова фаза од војната, чиј фокус се сели кон север.

„Мораме да се прилагодиме, ова важи за сите, секако за оние кои се во воздухот или го контролираат она што е во воздухот, бидејќи Хезболах е посилен овде, тоа не е Хамас. Ова е нешто друго и треба соодветно да се подготвиме“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Белата куќа останува вклучена во интензивните дипломатски напори за спречување на ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах во Либан.

Вашингтон без коментар за последните случувања на Блискиот Исток.

„Она што можам да ви го кажам е дека ние не бевме вмешани во вчерашните или денешните инциденти на кој било начин. И немам ништо повеќе да додадам“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа.

По експлозиите на пејџерите пред два дена во која загинаа десетици, а беа повредни три илјади луѓе, се огради тајванската компанија чијшто бренд беше користен во координираниот напад. Унгарската влада пак, негираше дека уредите некогаш биле во Унгарија.