„Ден на зелена достава“ во рамки на Европската недела на мобилност
Под мотото „Ден на зелена достава“, Делегацијата на Европската Унија, „Јуроп хаус“ и Агенцијата за пошти денеска ќе организираат активности во рамки на Европската недела на мобилност 2024, насочени кон поддршка на одржлива урбана мобилност и заштита на животната средина...

Под мотото „Ден на зелена достава“, Делегацијата на Европската Унија, „Јуроп хаус“ и Агенцијата за пошти денеска ќе организираат активности во рамки на Европската недела на мобилност 2024, насочени кон поддршка на одржлива урбана мобилност и заштита на животната средина.
Иницијативата ќе ја поддржат националниот давател на универзалната услуга АД Пошта на Северна Македонија и седум лиценцирани даватели на поштенски услуги во земјава.
За достава на поштенските пратки до граѓаните, тие денеска ќе користат еколошки транспортни средства – велосипеди, електрични тротинети, достава пеш итн.
Организаторите посочуваат дека оваа активност ќе помогне во намалувањето на загадувањето и ќе придонесе кон подобрување на животна средина.
Иницијативата ќе се организира низ целата држава односно во сите региони каде ќе има достава, а меѓу другите и во дел од градовите од мрежата на Јуроп хаус: Скопје, Струмица, Битола, Струга и Тетово.
-Целта на „Ден на зелена достава“ е да промовира алтернативен и одржлив начин на транспорт, кој е пријателски насторен кон природата и граѓаните, а преку оваа иницијатива давателите на поштенски услуги ќе ја покажат и својата општествена одговорност и заложба за подобра мобилност и почиста животна средина, наведуваат иницијаторите.
Европската недела на мобилност е кампања основана од Европската комисија за подигање на свеста за одржлива урбана мобилност.
Целта на иницијативата е да поттикне промени во навиките, промовирајќи активна мобилност, чист јавен превоз, како и други интелигентни транспортни решенија.
Главните активности се одвиваат секоја година помеѓу 16 и 22 септември, а завршуваат со популарниот „Ден без автомобили“.
