Блиски Исток

Нов бран експлозии низ Либан, најмалку 20 загинати

19.09.2024 11:33

Експлодираа и воки-токи станици во Либан. Над 20 лица загинаа, а стотици се повредени. Израелската војска најави почеток на нова фаза од војната и промена на безбедноста ситуација. Генералниот секретар на Обединетите нации, Гутереш предупредува од сериозна ескалација на конфликтот во регионот. Свикана седница на Советот за безбедност …

Нов бран експлозии низ Либан, главно насочени кон воки-токи уреди, системи за соларна енергија и уреди за читање отпечатоци што ги користат членовите на Хезболах. Властите јавија за жртви и над 450 повредени. Инцидентите следуваат еден ден откако илјадници луѓе во Либан и Сирија беа ранети од експлозија на пејџери. И натаму се бара потеклото на уредите и дали зад нивната набавка стојат компании од земјите-членки на ЕУ.

„Ова е чин на агресија против луѓето од заедницата. Дури и ако сте борец ова е неселективен чин на напад. Мислам дека употребата на неселективно сила или напади, кои очигледно би влијаеле врз цивилите е против меѓународното воено право“, изјави Фирас Абијад, министер за здравство на Либан.

Израелската армија соопшти дека е решена да ја промени безбедносната ситуација што е можно поскоро и оти почнале нова фаза од војната. Нападнати се различни инфраструктури на Хезболах во јужен Либан, вклучително и објект за складирање оружје.

„Имаме многу способности кои сè уште не сме ги активирале. Видовме некои од овие работи, ми се чини дека сме добро подготвени. Правилото е дека секој пат кога работиме во одредена фаза, следните две фази се подготвени. Во секоја фаза, цената за Хезболах треба да биде висока“, изјави генерал-полковник Херзи Халеви, началник на Генералштабот на израелската одбрана.

„Ги пренасочуваме силите, ресурсите и енергијата кон север. Не ги заборавивме заложниците и не заборавивме нашите задачи на југ, тоа е наша должност и ние ја извршуваме во исто време“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Од Белата куќа велат дека остануваат вклучена во интензивните дипломатски напори за спречување на ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах во Либан. Генералниот секретар на ООН, Гутереш, предупреди на сериозен ризик од драматична ескалација на конфликтот. Свикан итен состанок на Советот за безбедност.

„Овој настан потврдува дека постои сериозен ризик од драматична ескалација во Либан и мора да се направи се за да се избегне таа ескалација. Врската на она што се случува во Либан со она што се случи во Газа е очигледна уште од самиот почеток. Хезболах беше многу јасен кога рече дека ги започна своите операции поради она што се случува во Газа и дека ќе престане кога ќе има прекин на огнот“, изјави Антонио Гутереш, генералниот секретар на ООН.

Во меѓувреме, Обединетите нации усвоија резолуција подготвена од Палестина со која се бара Израел да го прекине незаконското присуство на окупираната палестинска територија во рок од 12 месеци.

 

Маријана Димовска