Политика

Софија реагира на „провокации“ од Скопје

19.09.2024 13:39

Кабинетот на бугарскиот претседател и Министерството за надворешни работи реагираа, на како што се наведува, навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од функционери од Македонија. Манипулацијата со фактите и хистеричните реакции на Владата на Република Северна Македонија не влеваат оптимизам дека нашиот југозападен сосед сака во односите со Бугарија да го напуштат полето на провокации и оркестрирани скандали, велат оттаму…

Кабинетот на бугарскиот претседател, Министерството за надворешни работи, но и остатокот од бугарската политичка сцена реагираат, на како што се наведува, навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од функционери од Македонија.

За „цивилизираноста“ на новата влада допрва ќе се оценува според тоа дали таа ќе продолжи да биде дел од кампањите за поттикнување омраза кон Бугарија или ќе се спротивстави, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот Радев.

„Манипулацијата со фактите и хистеричните реакции на Владата на Република Северна Македонија не влеваат оптимизам дека нашиот југозападен сосед сака во односите со Бугарија да го напуштат полето на провокации и оркестрирани скандали“, се вели во дописот од кабинетот на бугарскиот претседател.

Експремиерот и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов коментирајќи ја изјавата на македонскиот вицепремиер Александар Николоски рече дека после таква реторика, бугарските политичари не треба да се среќаваат со македонските колеги, побара извинување од земјава, но и оставка од Николоски.

„Тоа е јасно опишано, за пријателска средба што се прави, за официјална, за работна, но да речеме дека тука немаат искуство. Но, јазикот што го користат има само едно оправдување – извинување. Оставка на тој министер. И, ако не го направат тоа, ниту претседателот, ниту премиерот, ниту министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив“, вели Борисов.

Од бугарското МНР, пак, во реакцијата обвинуваат за неиспровоцирани неевропски реакции од Скопје во кои, како што велат, Софија не сака да учествува. Уште еднаш потсетуваме на клучното значење на развојот на добрососедските односи за европската иднина на Република Северна Македонија, стои во реакцијата на бугарското МНР.

Реакциите од Бугарија доаѓаат по изјавата на вицепремиерот Николоски кој за неистакнување на македонското знаме во Софија за време на средбата меѓу претседателите Сиљановска Давкова и Радев рече дека тоа е потег на нецивилизиран домаќин.

Миле Ристески