Владата ќе ја гарантира безбедноста на училиштата со формирање на државна агенција за обезбедување
Владата во програмата за работа предвидува државата да ја презеде обврската за гарантирање на безбедноста на училиштата со формирање на државна агенција за обезбедување, за разлика отсега кога училиштата ги чуваат приватни агенции за обезбедување. Наташа Јанчиќ-Менковски работеше на оваа тема, во рамки на кампањата на Институтот за комуникациски студии за зголемена транспарентност на институциите, чијашто цел се квалитетно образование и сеопфатен развој…

Во униформа, ненаметливо на влезот на училиштето „Св. Кирил и Методиј“ во општина Центар стои обезбедување. Води сметка кој влегува во училишниот двор и зграда, ако забележи несогласувања помеѓу учениците ги информира наставниците.
„Секој родител што ќе го прати детето на училиште сигурно би бил посреќен доколу има обезбедување во него. Кај нас имаме традиција да има со години наназад обезбедување трае додека се децата на училиште, а навечер имаме патролно обезбедување, така сме организирани“, вели Соња Кирковски – директорка на основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ Општина Центар.
За обезбедувањето пари дава општината. А секое училиште индивидуално си склучува договор со агенција за обезбедување.
„Грижата за безбедноста ни е приоритет и секогаш како општина бараме начин да обезбдеиме доволно финансиски средства да и покриеме училиштата што ги имаме осум на број. За истите да направат јавни набавки во делот на обезбедувањето. Како општина имаме издвоено 2,6 милиони денари коишто се распределуваат на сите осум училишта, а самите училишта ги распишуваат јавните набавки. Од тоа што не информираат училиштата во секое училиште има различна агенција којашто се грижи за безбедноста“, вели Горан Герасимовски – градоначалник на Општина Центар.
Герасимовски вели досега не се соочиле со проблеми во дел од обезбедувањето и безбедноста. Но, проблеми со безбедноста на работното место имале просветните работници во училишта каде што нема обезбедување, алармира Томислав Гиевски од Независниот синдикат за образование. А причината е бизарна, родителите не биле незадоволни од заклучената оценка на крајот на учебната година.
„Имавме само еден детектиран случај каде што наш член физички беше нападнат и поведовме постапки за тоа, сè уште се водат тие постапките, а инаку за вербални напади имало дел од колегите не сакале да преземаат правни постапки иако сме ги охрабрувале дека синдикатот целосно стои зад нив, а имало и сме покренувале постапки дури имаме и пријавувано во полиција дека имало вербални напади врз просветни работници“, вели Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат на образование и наука.
Гиевски смета дека училиштата треба да имаат вработено обезбедување, како што имаат хигиеничари и друг персонал.
Од Министерство за образование кусо одговорија дека станува збор за институција која нема да биде под надлежност на Министерството за образование и наука, имајќи предвид дека нема да се занимава со образовна дејност и со реализација на воспитно – образовниот процес.
Комората за приватно обезбедување не е запознаена со идејата за формирање државна агенција за обезбедување на училиштата.
„Зајакнувањето на безбедноста на училиштето, доколку се поврзува со дојавите за наводни бомби во изминатите години е прашање на други органи во државата што се занимаваат со безбедноста, а ниту приватното обезбедување, ниту каква било државна агенција може да превенира или расчисти таква појава“-стои во одговорот на Комората.
Пензионираниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски смета дека организацискта поставеност на само училиштето е клучна безбедноста.
„Дали имаат интервентни програми во секоја прилика, почнувајќи од одделението, класот и така натаму. Па тие наставнички совети, па тие дежурства. Безбедноста дали ќе од страна на државата, дали од приватни, по мене е секундарно“, вели Ѓорѓи Илиевски – просветен инспектор во пензија.
МВР во првите шест месеци годинава регистрирани се 73 настани со насилно однесување помеѓу ученици.
Наташа Јанчиќ-Менковски
