Македонија

Прв смртен случај на западно-нилска треска

19.09.2024 15:19

На Инфективна клиника почина пациент поради компликации од западно- нилска треска. Годинава ова е четврти лабораториски потврден случај во земјава…

Пензионер од Чешиново-Облешево почина поради компликации предизвикани од западно – нилска треска, една недела откако бил хоспитализиран на Инфективната клиника. Ова е прв смртен случај од вирусот годинава, а четврти евидентиран во земјава.

Првичните симптоми кај пациентот биле малаксаност и покачена температура, но поради влошување на состојбата е упатен на Инфективна клиника, каде е хоспитализиран со воспаление на мозокот. Само еден отсто од случаите заразени со западно-нилска треска развиваат невролошки манифестации-објаснува доктор Фадил Цана. 80 проценти од пациентите се асимптоматски, а 19 отсто имаат симптоми на настинка и не знаат дека го имаат вирусот.

„Имаме 77- годишен пациент, кај што се развива таа невролошка манифестација која може да заврши со летален исход. Тоа што сите го знаеме, и светот го знае, и научната јавност дека за вестнајл вирусот нема специфична терапија. Ако може да се превенира нешто, тоа е преку програмите за дезинсекција што е во надлежност на општини и на други институции“, изјави д-р Фадил Цана – директор на Клиниката за инфективни болести.

Епидемиолошките истражувања покажале дека починатиот се занимавал со земјоделство, не патувал надвор од државата, ниту од местото каде што живеел.

„Она што е наш домен, во моментов ние поседуваме тестови за детектирање, односно за испитување, потврдување на западно – нилската треска“, вели Марија Андоновска – директор на Институтот за јавно здравје.

Од Институтот за јавно здравје не ја исклучуваат можноста од нови случаи со западно – нилска треска.

Ова е четврти лабораториски потврден случај на западно-нилска треска во земјава. Првите два се импортирани, а останатите автохтони, потврден кај жители од Тетово и Кочани.

Андријана Ѓурческа