Настап на Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Профундис“ во Филхармонија
Светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и македонскиот камерен оркестар „Профундис“, овој петок ќе приредат ексклузивен концерт во големата сала на Македонската филхармонија. Со почеток во 20:00 часот, ова музичко доживување ветува вечер исполнета со врвна уметност и незаборавни емоции...

Светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и македонскиот камерен оркестар „Профундис“, овој петок ќе приредат ексклузивен концерт во големата сала на Македонската филхармонија. Со почеток во 20:00 часот, ова музичко доживување ветува вечер исполнета со врвна уметност и незаборавни емоции, донесени од еден од најистакнатите виолинисти на нашето време.
Виртуозниот Стефан Миленковиќ е еден од најпочитуваните виолинисти на својата генерација, со долга и успешна кариера како солист и виртуозен виолинист. Неговите настапи ги красат сцените на најпрестижните концертни сали низ светот, а неговата изведба е позната по својата длабочина, прецизност и неверојатна техничка подготвеност. Во својата кариера, тој е добитник на бројни награди и признанија, а во Србија ги носи титулите за „Уметник на векот“, „Најхумана личност“, „Личност на годината“ и е еден од најпознатите српски уметници кој гради кариера на сцените во светот.
„Поминаа повеќе од 5 години од мојот последен концерт, па затоа со нетрпение чекам да се видиме во Скопје, град кој има прекрасна публика и каде имам многу пријатели!“, изјави тој, како најава за претстојниот концерт.
