Јавноста останува вклучена во судењето за двојното убиство
Судот не го прифати предлогот на мајката на убиената Вања Ѓорчевска, јавноста да биде исклучена од судењето за смртта на нејзината ќерка...

Денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
Во судницата седнаа сите обвинети, Љупчо Палевски – Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Обвинителката која го застапува предметот, пред да ги даде воведните зборови предложи исклучување на јавноста во текот на целата главна расправа. Ова, како што рече било на барање на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска доставено до Обвинителството.
Адвокатот на таткото на Вања, кој е обвинет за помагање рече дека остава на судот да одлучи за предлогот на Обвинителството, додавајќи дека треба да се води пред сѐ од интересот на таткото кој, како што рече е оштетен и жртва во случајот.
Против исклучување на јавноста се изјаснија и дел од адвокатите на останатите обвинети. По ова судот одлучи да не го прифати прдлогот за исклучување на јавноста.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27-ми и 24-ти ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3-ти декември 2023-та година.
