Блиски Исток

Ескалира состојбата на Блискиот Исток, Израел ги засили нападите врз Либан

20.09.2024 12:21

Израел ги засили нападите врз Либан. Погодени сто ракетни фрлачи на Хезболах, подготвени за истрелување преку границата. Стравувањата од ескалација на конфликтот се засилуваат. Меѓународната заедница бара итен прекин на огнот и дипломатско решение за кризата на Блискиот Исток...

Ескалира состојбата на Блискиот Исток. Израелски воени авиони доцна синоќа извршиле десетици напади врз цели во јужен Либан, што се смета за еден од најсилните напади од почетокот на војната. Поставена нова артилериска позиција во Голанската висорамнина додека се зголемуваат тензиите на границата.

„Во изминатите неколку дена одржавме серија важни дискусии. Ова е нова фаза од војната, таа носи можности, но и значителни ризици. Хезболах чувствува дека е прогонуван и секвенцата на воени дејствија ќе продолжи“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Од Стејт Департментот со став, важно е да се изнајде дипломатско решение со цел деескалација.

„Ние ќе продолжиме да стоиме зад правото на Израел да се брани, но не сакаме да видиме некоја страна да ескалира во овој конфликтен период. Ќе продолжиме да притискаме да се смират тензиите, ќе се обидеме да ги поттикнеме сите страни да деескалираат и ќе се обидеме да дојдеме до место каде што можеме да зборуваме за дипломатско решение“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Меѓународната заедница повикува на смиреност, францускиот претседател Макрон вети поддршка за Либан по детонирањето на стотици пејџери и воки-токи уреди.

„Ескалацијата не е во ничиј интерес, исто така, ние мораме да го зачуваме интегритетот, безбедноста и суверенитетот на Либан“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Акцијата на израелската воена авијација доаѓа откако лидерот на Хезболах, Насрала, се закани со тешка одмазда и праведна казна по серијата напади со експлозиви поставени во комуникациски уреди чија цел била милитантната група со седиште во Либан.

„Нема да зборувам за време, форма, место или датум. Оставете ја темата и вестите ќе бидат она што го гледате, а не она што го слушате. Единствениот пат напред е да се запре агресијата и војната врз народот на Газа и Појасот Газа, а со тоа и на Западниот Брег. Тоа е единствениот пат“, изјави Хасан Насрала, лидер на Хезболах.

За новите напади на Блискиот Исток, од ООН велат дека немаат магично стапче за да ги запрат конфликтите, но ќе ги спроведат сите механизми за да му олеснат на цивилното население Хезболах, во знак на поддршка на Хамас по почетокот на конфликтот во Појасот Газа на 7-ми октомври изминатата година, истрелува ракети кон северен Израел.

 

Маријана Димовска